Лазаров:Мораме да ја прифатиме ситуацијата и да гледаме напред

Најдобриот македонски ракометар и селектор на репрезентацијата, Кирил Лазаров, во интервју за хрватскиот портал „Индекс“, даде краток осврт за националниот тим и текот на Европското првенство во ракомет.

Лазаров во разговорот потенцира дека Македонија на турнирот се најде во слична ситуација како и Хрватска во поглед на подмладување на репрезентацијата и проблемите со Корона вирусот.

„Македонија исто како и Хрватска влезе во процес на подмладување на репрезентацијата. На последното тестирање пред поаѓањето на Еуро, дури седум играчи имаа позитивен Ковид тест, а поради повреда останавме и без три битни играчи во тимот, Манасков, Марковски вклучувајќи ме и мене. Така да таквата ситуација не принуди да играме со многу млади играчи.

Во тимот имав шест играчи со по 20 години, но сепак успеавме рамноправно да се носиме со Словенија и Црна Гора. Но не вреди да плачеме и кукаме, денес секој ги толкува ситуациите како што му одговара и спрема неговиот интерес. Најважно е да не ја загубиме главата во овој хаос. Мора да ја прифатиме ситуацијата и да гледаме само напред.

Според мене данската репрезентација од самиот старт прикажува одлични игри и неа ја гледам како најсериозен кандидат за освојување на титулата.