Меси ќе го замени Интер Мајами со Њуелс?

Аргентинската фудбалска легенда повторно се поврзува со клубот во кој ги направи првите фудбалски чекори. Идејата за враќање во Росарио добива нов замав, но договор сè уште нема.

Аргентинската фудбалска легенда Лионел Меси би можел да направи сензационален потег и во јануари 2027 година да го напушти Интер Мајами, за да се врати во татковината и да заигра за Њуелс Олд Бојс, клубот во кој ги направи првите фудбалски чекори.

Информацијата доаѓа од аргентинските медиуми, кои тврдат дека можноста за враќање на Меси во Росарио станува сè пореална. Наводно, и самиот фудбалер размислува за ваков потег, кој би претставувал посебен момент во неговата блескава кариера.

Меси е дете на Њуелс Олд Бојс, каде што настапуваше во младинските категории пред на 13-годишна возраст да замине во Барселона и да ја започне приказната што го однесе меѓу најголемите фудбалери во историјата.

Во клубот од Росарио веќе подолго време работат на проект за негово враќање. Потпретседателот на Њуелс, Хуан Мануел Медина, уште во февруари годинава потврди дека постои план Меси да заигра за клубот во првата половина на 2027 година. Сепак, тогаш нагласи дека сè уште нема конкретен договор и дека многу работи зависат од инфраструктурата и спортскиот проект што клубот може да му ги понуди.