Милан и Интер го открија проектот за новиот стадион

Миланските гиганти Милан и Интер добија појасна слика за својот иден дом. Новиот стадион, кој ќе биде изграден на местото на легендарниот „Џузепе Меаца“, ќе го носи името „Џенерали стадиум“ и ќе има овална архитектонска форма.
Проектот беше претставен на специјален настан во замокот Сфорца во Милано. Новото спортско здание ќе има капацитет од 71.500 гледачи, распоредени на две нивоа, а посебно внимание привлекуваат двете трибини зад головите, со по 11.500 седишта и наклон од 37 степени. Архитектонското решение е инспирирано од познатиот „Жолт ѕид“ на Борусија Дортмунд, со цел навивачите да бидат што поблиску до теренот и да создаваат посебна атмосфера.
Според најавите, осигурителната компанија „Џенерали“ за правата на името на стадионот би плаќала меѓу 25 и 30 милиони евра годишно.
Почетокот на изградбата е планиран за втората половина на 2027 година, а завршувањето се очекува до крајот на 2031 година. Целта е новиот стадион да биде подготвен за Европското првенство во 2032 година.
Дотогаш, Милан и Интер ќе продолжат да играат на „Сан Сиро“, кој по изградбата на новото здание речиси целосно ќе биде урнат. Од историскиот стадион ќе биде зачувана само една од кулите.
Новиот стадион ќе го замени објектот „Џузепе Меаца“, кој има капацитет од околу 75.000 гледачи и е препознатлив по својата архитектура со три нивоа.