Милан ќе ја продолжи соработката со Кристијан Пулишиќ

Милан сака да го задржи Кристијан Пулишиќ и веќе започнал преговори за продолжување на договорот со американскиот репрезентативец.
Според „Кориере дело Спорт“, Милан веќе ги започнал разговорите со Пулишиќ за нов договор. Намерата на клубот е преговорите да бидат завршени пред зимскиот преоден рок, односно до крајот на декември.
Пулишиќ моментално има договор со Милан до летото 2027 година, со опција клубот еднострано да ја продолжи соработката за уште една сезона. Сепак, раководството не сака да чека до последен момент и има намера да му понуди целосно нов договор.
Планот е Пулишиќ да остане на „Сан Сиро“ најмалку до 2031 година, а во преговорите се очекува да биде вклучено и значително зголемување на неговата плата.
Според информациите на „Кориере дело Спорт“, Милан би можел да му понуди годишна плата од околу пет милиони евра, плус дополнителни бонуси поврзани со индивидуалните и тимските резултати.