Пионерите на Вардар го освоија Купот на Македонија

Пионерскиот состав на Вардар е нов освојувач на Купот на Македонија, откако во финалниот натпревар славеше убедлива победа од 3-0 против екипата на Македонија ЃП.

„Црвено-црните“ поведоа уште во 15. минута преку Матеј Николов, кој ја круниса добрата игра на својот тим во првиот дел. Иако резултатот долго време остана непроменет, финалето понуди интересен и динамичен фудбал со неколку одлични можности на двете страни.

Во последните петнаесет минути, Македонија ЃП презеде иницијатива и се обиде да стигне до израмнување, но Вардар знаеше како да одговори. Токму во моментите кога противникот притискаше, вардарци беа најопасни од контранапади.

Во самиот финиш на средбата, Адриан Велески во 90. минута го зголеми водството на 2-0, а Лука Јасмин Ѓорѓијев во четвртата минута од судиското продолжение ги постави конечните 3:0 и стави печат на триумфот на Вардар.

Со оваа победа, пионерите на Вардар сосема заслужено го подигнаа трофејот во Купот на Македонија, крунисувајќи ја успешната сезона.