По еден бод за Арсими и Силекс во возбудлив натпревар

Арсими и Силекс ремизираа 1-1 во натпревар исполнет со многу возбудувања, шанси и неизвесност до самиот крај.

Почетните минути минаа во отворена игра на двете страни. И двата тима се обидуваа да стигнат до водство преку неколку удари од дистанца, но без посериозно да ги загрозат противничките голмани.

Натпреварот беше привремено прекинат во 11. минута по тешката повреда на Диего Контрерас. Колумбискиот фудбалер се повреди без видлив контакт со противнички играч, по што на теренот интервенираше и медицинска екипа со амбулантно возило. На негово место во игра влезе Гаје.

Првата голема можност ја имаше Силекс во 17. минута. Хусмен Хасукиќ шутираше опасно, но голманот Силјановски одлично интервенираше и ја сочува својата мрежа.

Гостите повторно се заканија во 26. минута. Донов беше највисок во скокот по еден центаршут, но неговиот удар со глава заврши во стативата и Арсими избегна сигурен погодок.

На самиот почеток од второто полувреме Силекс поведе. Во 46. минута Семир Џемаили си постигна автогол, обидувајќи се да ја расчисти опасноста пред својот гол. Топката заврши во мрежата, а голманот Силјановски беше излезен од гол линијата и не можеше да интервенира.

Неколку минути подоцна Донов имаше уште една добра  можност да ја зголеми предноста на Силекс, но неговиот удар заврши над пречката.

Арсими брзо возврати и во 52. минута стигна до израмнување. По акција по десната страна, Гаје реализираше по нафрлувањето во шеснаесетникот, и ја смести топката во мрежата за 1-1.

Во продолжението од натпреварот двете екипи продолжија со офанзивна игра. Во 78. минута Силекс се најде во добра позиција за гостите, но Силјановски повторно беше на висина на задачата и спречи нов погодок.

Само три минути подоцна, Рамадани направи одличен продор и беше блиску до вистински еврогол. Неговиот удар мина покрај стативата, оставајќи го Арсими без посакуваното водство.

Во самиот финиш следуваа најголемите возбудувања. Мишов пропушти огромна шанса за Арсими, испраќајќи ја топката над пречката од идеална позиција. Набрзо потоа и Гаје се обиде да донесе победа за домашниот тим, но неговиот удар беше блокиран од одбраната на Силекс.

Од другата страна, Силекс исто така имаше одлична можност за победнички погодок, но Силјановски уште еднаш одлично интервенираше и го спаси својот тим. До крајот двете екипи создадоа уште неколку опасни ситуации, но мрежите останаа мирни.

На крајот, Арсими и Силекс мораа да се задоволат со по еден бод, откако ремизираа 1-1 во интересен и борбен натпревар.