Прв репрезентативен повик, големи амбиции за Гаштаров и Мелиќи

Македонската репрезентација го имаше првиот собир во пресрет на новиот циклус од Лигата на нации. Нашата репрезентација во сегментот Б ќе одигра четири натпревари, против Швајцарија, Словенија и Шкотска.

Првиот предизвик е дуелот со Швајцарија на 26 септември во Скопје, по што следуваат гостувањето кај Словенија на 29 септември, повторно натпревар со Швајцарија на 6 октомври во Луцерн и мечот со Шкотска на 3 октомври во Скопје.

Меѓу првите кои пристигнаа на репрезентативниот собир беа и дебитантите, а во фокусот се најде 19-годишниот Матеј Гаштаров. Младиот фудбалер зад себе има одличен период во дресот на Црвена звезда, каде успеа да се избори за првотимски статус и значајна минутажа. За Гаштаров, повикот во А репрезентацијата е остварување на детскиот сон. Иако признава дека не очекувал тоа да се случи толку брзо, младиот фудбалер пристигнува со голема желба и јасна цел.

„Многу сум среќен, ова го чекав од дете, сонував за ова многу години. Очекувам да настапам и се надевам на позитивни резултати. Секако, одиме на победа без разлика кој е противникот. Имаме голема почит кон Швајцарија, Шкотска и Словенија, но нашиот тим има голем квалитет и одиме на победа. Ќе оставиме срце на терен, како што се очекува од овој дрес“, вели Гаштаров.

Неговиот период во Црвена звезда е исполнет со напорна работа, која му донесе место во стартниот состав.

„Многу работев и давав се од себе за да бидам во првиот состав на Црвена звезда. На крајот тоа дојде. Спремен сум да играм на повеќе позиции, тоа не ми е проблем. Како што ќе бара селекторот, така ќе исполнам се што се очекува од мене. Верувам во тоа што го работам. Дали очекував дека сето ова ќе се случи толку брзо? Можеби не, но секогаш сум спремен за ваков предизвик“, додава младиот репрезентативец.

Прв повик во А репрезентацијата доби и Анес Мелиќи, фудбалерот на Шкендија. За него, дебито во најдобриот национален тим е голема чест, но и обврска.

„За мене е привилегија да бидам дел од овој тим. Имаме четири многу тешки натпревари, но мислам дека прво треба да мислиме на Швајцарија. Сите знаеме каков противник е Швајцарија. Дај Боже, со Господ напред, да оствариме позитивен резултат. Нормално дека очекувам настап и секоја минута што ќе ми ја даде селекторот ќе дадам максимум“, вели Мелиќи.

Првата можност за потврда на амбициите, македонските фудбалери ќе ја имаат на 26 септември, кога Македонија во Скопје ја пречекува Швајцарија.