Скопје 2023 првпат победи сезонава, Струмица немоќна против вицешампионот

Кошаркарите на Скопје конечно ја запишаа првата победа во новата сезона на МТЕЛ Суперлигата. Актуелниот вицепрвак одигра сигурен натпревар против Струмица 2001, ја контролираше играта во најголемиот дел од средбата и заслужено славеше со убедливи 83-68, во рамките на третото коло од елитното првенство.

Домашниот состав ја презеде иницијативата уште во првото полувреме, во кое изгради солидна предност од осум поени (40-32). По паузата, избраниците на Скопје продолжија со исто темпо и постепено ја зголемуваа разликата.

Клучниот период беше третата четвртина, во која домаќините успеаја да се одлепат на двоцифрена предност. Во 28. минута, Скопје имаше плус 14 (60-46), а до крајот на овој дел од играта дополнително ја зголеми предноста на убедливи 65-48.

Офанзивата на домашниот тим ја предводеше Камерон Џонс, кој во тие моменти веќе имаше 25 поени, додека Колин Паркер беше негова одлична поддршка со 14 реализации. Расположеното дуо беше главниот двигател на играта на вицепрвакот, кој во завршните десет минути влезе со значителна предност.

Струмичани го добија последниот период, но тоа не беше доволно за да ја загрозат победата на Скопје, кое рутински ја приведе средбата до крај и го запиша првиот сезонски триумф.

Џонс беше најефикасен на натпреварот со 32 поени, дополнети со осум асистенции и четири скока. Паркер го следеше со 21 поен и девет скока, додека Миловановиќ придонесе со 12 поени и три скока.

Кај Струмица 2001, која по три одиграни кола има ефект од една победа и два пораза, Камерон Крафорд и Д. Пандев постигнаа по 18 поени, а Малик Џејкобс го заврши натпреварот со 12 поени.

Со овој триумф, Скопје го запиша посакуваниот првенец и најави дека ќе се бори за висок пласман и во актуелната сезона на МТЕЛ Суперлигата.