УО на ФФМ ја усвои Стратегијата „Време за фудбал“ 2027-2031

На денешната седница Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија ја усвои Стратегијата „Време за фудбал“ за периодот 2027-2031 година, со која се поставува јасна рамка за идниот развој на македонскиот фудбал и дефинираат долгорочните приоритети и развојни цели на федерацијата.

Стратегијата претставува сеопфатен документ, подготвен врз основа на анализа на актуелната состојба, консултации со клучните чинители во фудбалската заедница и насоките за развој на фудбалот на УЕФА и ФИФА. Таа ги утврдува визијата, мисијата, стратешките цели и конкретните активности за унапредување на сите сегменти на фудбалот во Македонија.

Развојната рамка се темели на четири столба: грасрут фудбал, елитен фудбал, женски фудбал и општествено-економска одржливост. Нивната реализација е поддржана од три клучни предуслови: инфраструктура, комерцијални активности и маркетинг, како и организациски развој.

Со усвојувањето на Стратегијата „Време за фудбал“ 2027-2031, ФФМ поставува основа за координирано планирање, спроведување и следење на развојните процеси, со фокус на зајакнување на институционалните капацитети, создавање подобри услови за работа и остварување одржливи и долгорочни резултати во македонскиот фудбал.

– Управниот одбор на ФФМ го усвои предлогот за отпис на долгот на компанијата „Кожувчанка“ во вкупен износ од 1.261.272 денари кон Фудбалската федерација на Македонија. Одлуката е донесена со цел да не се предизвика дополнително финансиско оптоварување на компанијата „Кожувчанка“ од Кавадарци и нејзиниот сопственик, при што беше изразено очекување дека средствата ќе бидат насочени кон поддршка и развој на младинските категории на ФК Тиквеш, Кавадарци. На овој начин, се остава простор за продолжување на поддршката на младите фудбалери и вложување во нивните услови за развој и напредок.

– Управниот одбор на ФФМ ја усвои предлог делегатската листа за Прва и Втора футсал лига за натпреварувачката сезона 2026/27;