Штип УГД загуби во пет сета и испадна од ЛШ

Македонскиот одбојкарски шампион УГД Штип одигра далеку подобро во реваншот против Орион Старс, но тоа не беше доволно за позитивен резултат. Штипјани загубија со 2-3 во сетови (25-23, 20-25, 25-21, 10-25, 10-15) и го завршија настапот во Лигата на шампионите.
Домашниот тим одлично го отвори натпреварот и со сигурна игра во завршницата го освои првиот сет со 25-23. Гостите возвратија во вториот сет, во кој славеа со 25-20, но УГД Штип повторно ја презеде иницијативата и со 25-21 поведе со 2-1 во сетови.
Сепак, четвртиот сет донесе голем пад во играта на македонскиот првак. Орион Старс доминираше на теренот и убедливо го доби со 25-10, па победникот мораше да биде решен во тај-брејкот. Во решавачкиот сет гостите беа посигурни и со 15-10 го потврдија триумфот.
Александар Љафтов со 17 поени беше најефикасен во редовите на УГД Штип, додека Стојан Илиев заврши со 15 поени. Кај победничкиот тим, Воутер Тер Мат беше најдобар со 22 поени.
Македонскиот шампион покажа подобро издание во однос на првиот дуел, но на крајот мораше да му ја честита победата на противникот и да се збогува со европската елита.