Драма во Лига Европа: Црвени картони, продолженија и преживување на фаворитите

Вчерашната вечер во Лига Европа донесе висок интензитет и фудбалска драма каква што само нокаут-фазата може да приреди. Плеј-оф рундата го доби својот епилог преку херојски пресврти во продолженијата и нервозна пенал-рулетка, со што се комплетираа патниците кои ќе им се приклучат на тешкашите во осминафиналето.
Вечерта започна со италијанскиот претставник Болоња, кој ја покажа својата зрелост против норвешкиот Бран. Иако почетокот беше неизвесен, а Лукаш Скорупски мораше со чудесна одбрана да го спаси својот гол, моментот на одлука се случи во 37-мата минута. Јакоб Соренсен доби директен црвен картон по еден опасен старт, што ги остави гостите „голи“. Жоао Марио ја круниса бројната надмоќ за победа од 1-0 (вкупно 2-0), со што „Рособлу“ го осигураја својот прв пласман во европсо осминафинале по неколку децении.
Во Белград, пак, Лил помина низ вистински „пекол“ против Црвена Звезда. По негативата од првиот меч, францускиот тим се потпре на искуството на Оливие Жиру. Неговиот гол со глава донесе израмнување и го однесе мечот во продолженија, каде што резервистот Натан Нгој во 99-тата минута ги скрши срцата на домашните навивачи за конечен триумф од 2-1 во вкупниот резултат.
Нотингем Форест преживеа вистински шок на Сити Граунд против Фенербахче. И покрај убедливите 3-0 од првиот натпревар, Англичаните се најдоа во тешка ситуација по двата гола на Керем Актуркоглу. Напнатоста на трибините ја прекина Калум Хадсон-Одои во 68-мата минута, со што ја врати неопходната предност и го трасираше патот до вкупни 4-2.
Слична судбина имаше и Штутгарт, кој и покрај минималниот пораз (0-1) од Селтик, успеа да оди понатаму. Шкотскиот гигант преку Лук Мекован поведе уште во првата минута, најавувајќи легендарен пресврт, но германската одбрана остана дисциплинирана до крајот, успешно бранејќи ја високата предност од 4-1 од првата средба.
Највозбудливиот натпревар се одигра во Белгија, каде Генк и Динамо Загреб приредија вистински спектакл со резултат 3-3 (вкупно 6-4). Пресвртница беше исклучувањето на Лука Стојковиќ во продолженијата, по што домаќините ја презедоа контролата. Паралелно со нив, Панатинаикос ја приреди последната драма на вечерта, елиминирајќи ја Викторија Плзењ со 4-3 на пенали, откако двомечот заврши со нерешени 3-3.
Ждрепката за осминафиналето се одржува денеска, петок (27 февруари), каде овие екипи ќе ги дознаат своите противници.