Извлечени паровите за осминафиналето во Лигата на шампионите: Реал и Сити повторно во клинч

Килијан Мбапе и Ерлинг Халанд

Ждрепката во Куќата на фудбалот во Нион ги донесе долгоочекуваните возбудувања за елиминационата фаза од Лигата на шампионите. Со почеток во март, најдобрите 16 екипи на континентот тргнуваат во директна битка за престижниот трофеј, а ждрепката ни сервираше неколку вистински фудбалски деликатеси.

Она што веќе стана дефиниција за врвен фудбал во модерната ера, добива своја петта последователна епизода. Реал Мадрид и Манчестер Сити повторно ќе ги вкрстат копјата во дуел кој многумина го сметаат за „финале пред финалето“. Иако „Граѓаните“ на Пеп Гвардиола славеа со 2−1 на Бернабеу во групната фаза минатиот декември, историјата нè учи дека „кралскиот ген“ на Мадрид секогаш проработува кога ќе дојдат нокаут-пресметките. Победникот од овој двобој веднаш ќе го преземе статусот на главен фаворит за големото финале на Пушкаш Арената во Будимпешта.

Актуелниот шампион Пари Сен Жермен се соочува со голем тест против Челси, во реприза на минатогодишното финале од Светското клупско првенство. Од друга страна, Њукасл Јунајтед, по убедливата победа над Карабах во баражот, доби кисела награда: двомеч против офанзивната машина на Ханси Флик, Барселона. Ливерпул го чека „пеколот“ во Истанбул каде што Галатасарај, предводен од Виктор Осимен, ќе се обиде да приреди нова сензација против „Црвените“.

Навивачите на Арсенал можат да здивнат. Тимот на Артета ќе се соочи со Баер Леверкузен, кој е полесен противник, особено кога ќе се земат во предвид сите големи имиња во ова натпреварување. Баерн Минхен ќе има тешка задача да го скрши отпорот на Аталанта, екипа позната по својот немилосрден висок пресинг, додека Атлетико Мадрид и Тотенхем ветуваат судир на цврста одбрана и висок интензитет. Најголемото освежување во оваа фаза е норвешкиот Бодо/Глимт, кој по елиминирањето на Интер стана првиот тим од својата земја по неколку децении со ваков успех, а сега ќе се обиде да го продолжи сонот против португалскиот гигант Спортинг Лисабон.