Милан во финишот го „скрши“ мотивираниот Кремонезе

Фудбалерите на Милан потешко од очекуваното стигнаа до победа на гостувањето кај Кремонезе, славејќи со 0-2 во 27. коло од Серија А.

„Росонерите“ отпорот на домаќинот го скршија дури во самата завршница со два гола во судиското продолжение. По мирното прво полувреме без голови, Милан во вториот дел ја засили иницијативата и создаде неколку добри шанси, најконкретен беше Рафаел Леао, но изостана реализацијата. Кремонезе дисциплинирано се бранеше и чекаше своја можност, но не успеа да го изненади Мењан.

Кога се чинеше дека бодовите ќе бидат поделени, по корнер во 90. минута Страхиња Павловиќ најдобро се снајде во мешаницата и донесе водство за гостите. Само неколку минути подоцна Леао стави точка со гол за конечни 0-2.

Милан останува на минус 10 во однос на градскиот ривал и сега целото внимание го насочува кон „Дерби дела Мадонина“ кое е закажано за 8 март.