Вардар од пенал во последните секунди ја „скрши“ Брера Струмица

Со голот на Горан Закариќ во последните моменти од мечот од пенал, Вардар успеа да слави над АП Брера.

Клучниот момент се случи во судиското продолжение од натпреварот кога Спахиу шутираше, Велков блокираше со рака по што беше досуден удар од 11 метри.

Во текот на целиот натпревар Вардар имаше инцијатива, но домаќинот не создаде ниту една посериозна шанса за гол, а АП Брера беше солидно поставена и тактички добро стоеше.

Омерагиќ имаше две ситуации една со глава една со лева нога, но и во двата случаи беше непрецизен, за да следната ситуација ја има Мислав Матиќ. Давид Бабунски на два пати се обиде една од слободен удар, и еднаш од поле но не успеа посериозно да го загрози голот на АП Брера.

Во вториот дел иста слика на теренот на Арената. Вардар со теренска иницијатива, АП Брера добро поставена не дозволи посериозни атаци врз нејзиниот гол.

Цветковиќ се обиде од лево но Диковски беше сигурен и на место. Измените кои што ги направи домашниот тренер Гоце Седлоски не донесоа промени што се однесува до заканите кон противничкиот гол. Ударите од аголот се главна тема, во кои Дарко Велковски имаше два обида обата преку голот.

Во судиското продолжение, Закариќ нафрли остро на петерецот но Омерагиќ за сантиметри беше покус и не ја зафати топката.

Сепак, во петтата минута од продолжението, ударот на Едис Спахиу заврши во раката на Велков, а по ВАР консултацијата главниот судија досуди пенал. Сигурен реализатор на ударот од белата точка го реализираше Горан Закариќ.