Вилсон: Нема да го потцениме Гостивар

Кошаркарите на Пелистер максимално мотивирани го дочекуваат денешниот дуел со Гостивар (19:00 часот, сала „Боро Чурлевски“ во Битола), меч на кој „зелено-белите“ сакаат да стигнат до нова суперлигашка победа.

Пелистерци неочекувано загубија од Гостивар во првиот круг од суперлигашката сезона, јасно предупредување дека овој тим не смее да биде потценет и дека до триумф може да се стигне само со максимално залагање од првата до последната минута.

„Гостивар е тим што игра агресивна, квалитетна кошарка. Фактот дека се доле на табелата не смее да залаже никого. Нема да го потцениме овој противник, сакаме да продолжиме со добри игри и победи. Клучно според мене ќе биде да одиграме добра одбрана, да го натераме противникот на загубени топки од кои потоа би произлегле лесни поени за нас“, вели Ленгстон Вилсон, американскиот центар во дресот на Пелистер.

Дуелот со Гостивар следи по одличното издание на „пелистерци“ над Куманово и победата од 30 поени разлика во најдобриот одигран меч на „зелено-белите“ оваа сезона.

„Се беше одлично против Куманово, функциониравме како колектив, меѓусебно си помагавме во одбраната, додека во нападот правевме предност и ја движевме топката. Максимално одговоривме на се што стручниот штаб побара од нас, верувам дека тоа ќе биде случај и на денешниот дуел со Гостивар“, вели Вилсон.

По овој дуел пелистерци гостуваат кај ТФТ Скопје.