Седлоски: Данска е топ репрезентација, но имаме идеја, мотивација и верба во фудбалерите

Селекторот на А репрезентацијата, Гоце Седлоски го соопшти списокот на фудбалери кои се во комбинација за претстојните бараж натпревари за пласман на Светскиот шампионат.

Предводникот на националниот тим на располагање ќе има 28 играчи, а меѓу нив се тројца кои за прв пат ќе го носат дресот на македонската репрезентација, дефанзивецот на Борац Бања Лука, Себастијан Ерера, стоперот на тетовска Шкендија, Имран Фетаи и напаѓачот на Сиетл, Дени Мусовски. Во составот има и фудбалери кои по извесна пауза повторно се дел од најдобрата селекција и тоа Бобан Николов од Вардар, Љупче Дориев кој настапува во првенството на Узбекистан и Егзон Бејтулаи од Дрита.

Гоце Седлоски – селектор на македонската А репрезентација:

„Баражот против Данска за пласман на Светско првенство е натпревар кој носи голема тежина, но и огромен мотив за сите нас. Времето за подготовка е многу кратко, нецели два дена. Токму затоа, го задржавме костурот на тимот кој настапуваше во претходниот квалификациски циклус. Тоа е група фудбалери кои добро се познаваат, имаат изградено хемија и веќе знаат што значи да се игра ваков натпревар. Секако, направивме и одредени освежувања таму каде што сметавме дека е потребно. На списокот има тројца дебитанти, Фетаи, Ерера и Мусовски. Веруваме дека со формата и квалитетот што го покажуваат заслужија шанса и дека можат да донесат дополнителна енергија во тимот. Во составот се враќаат и Дориев, Николов и Бејтулаи, фудбалери кои добро го познаваат системот и атмосферата во репрезентацијата и кои во минатото знаеле да дадат важен придонес“.

„Свесни сме дека Данска е топ репрезентација и дека ја има улогата на фаворит, особено затоа што натпреварот се игра во Копенхаген, но, ние имаме јасна идеја, голема мотивација и верба во фудбалерите. Наш фокус е исклучиво на тоа како ние ќе изгледаме на теренот и како ќе одговориме на предизвикот“.