Африканската федерација му ја одзеде титулата на Сенегал, Мароко нов континентален шампион

По цели 58 дена од она незаборавно финале во кое репрезентацијата на Сенегал ја совлада екипата на Мароко и стана шампион на Африка, работите целосно се менуваат.

Фудбалската асоцијација на Африка го поништи резултатот од финалната средба и ги уважи жалбите на мароканската федерација.

Со тоа, Мароко е прогласен за шампион на КАН со службена победа од 3-0.

Финалето кое се одигра во Јануари го одбележаа бројни контроверзи.

Имено, во самиот финиш на натпреварот при резултат 0-0, мароканската репрезентација доби спорен пенал и шанса да го освои трофејот.

Фудбалерите на Сенегал во знак на протест одлучија да го напуштат теренот и дури по 20 минути се вратија и го доиграа финалето.

Судијата немаше избор и го продолжи натпреварот, а досудениот пенал Брахим Диаз не го искористи и мечот замина во продолженија.

Во продолженијата репрезентацијата на Сенегал успеа да постигне гол и така стана првак на Африка. Но, веднаш по финалниот натпревар федерацијата на Мароко достави жалба до Фудбалската асоцијација на Африка. Во жалбата мароканците наведоа дека се оштетени и дека натпреварот требал да биде прекинат кога гостинските фудбалери го напуштиле теренот.