Необичен тест за лечење на раните на Ирска и Македонија во Даблин

Македонската фудбалска репрезентација вечерва гостува во Даблин кај Република Ирска во пријателски натпревар, откако беше елиминарана во полуфиналето од баражот за пласман на Светското првенство 2026.

Нашиот национален тим беше поразен од Данска во Копенхаген со 4-0, со што пропаднаа надежите за нов историски настап на големо натпреварување, додека Ирска исто така го завршија својот пат кон Светското првенство оваа година.

Домашната селекција очекуваше дека вечерва на „Авива“ стадионот во Даблин ќе се борат за настап на Мундијалот, меѓутоа добија пријателски меч со Македонија и разочарани немаат многу интерес кај домашните фанови.

Од друга страна дуелот со Ирска доаѓа како можност за новиот селектор Гоце Седлоски да направи одредени промени во составот, но и да им даде минути на фудбалери кои беа во втор план на претходниот натпревар. Се очекуваат неколку ротации, а во однос на мечот во Копенхаген во нашиот состав ги нема Бојан Миовски и Јани Атанасов (поради повреда) кои се вратија во клубовите, како и Александар Трајковски кој се откажа од играњето за националниот тим. Токму од овој натпревар започнува создавањето на една нова селекција на Македонија која треба да биде според размислувањата на Гоце Седлоски. Самиот Седлоски најави дека во следниот циклус квалификации треба да се очекуваат веројатно и промени во националниот тим почнувајќи од јуни.

Кога Ирска игра пред своите фанови секогаш се незгодни, а иако натпреварот нема резултатско значење, домашните со сигурност сакаат да победат за некаква утеха по изгубената шанса да играат на СП.

Досега Македонија и Република Ирска имаат одиграно 6 официјални натпревари од квалификациите за ЕП и за СП. Ирска има 4 победи, Македонија една , а еден натпревар завршил нерешено. Во квалификациите за Европските шампионати имаме четири меѓусебни средби од кои само на еден натпревар било нерешено 1-1, останатите три ги добила Ирска. Додека во квалификациите за СП, Македонија ја има остварено единствената победа против Ирска и тоа во Скопје на 2. Април 1997 година кога победивме со 3-2.

Главен судија на натпреварот ќе биде Велшанецот Иван Арвел Грифит, а дуелот започнува во терминот од 20:45 часот.