Ролан Гарос најави многу промени оваа година

Подобрени услуги за тенисери и иновации во перформансите, одбележување легендарни шампиони, поамбициозна Недела на отворање и широк спектар на настани и внатре и надвор од стадионот се дел од новитетите за гранслем-турнирот Ролан Гарос годинава, пишува на официјалната интернет-страница на турнирот.

Првпат годинава, на играчите (закажани се 899 меча) на Ролан Гарос ќе им биде дозволено да користат уреди за собирање биометриски податоци.

Оваа пилот-програма ќе им обезбеди вредни сознанија за нивните физички перформанси и за закрепнување во текот на турнирот.

Пробната програма, со користење уреди наведени во регистарот „Тенис за анализа на играчи“ одобрен од Светскиот тенис, ќе се имплементира и на гранслем-турнирите Вимблдон и САД опен.

Покрај подобрените опции за сместување и обновеното кулинарско искуство во рестораните на стадионот, играчите ќе имаат корист од новите услуги за закрепнување на теренот „Филип-Шатрие“, како и во Францускиот национален тренинг-центар, каде што ќе има нова хипербарична комора дизајнирана да го оптимизира внесувањето кислород и да го забрза закрепнувањето на мускулите, заедно со соба за криотерапија, а првпат во Националниот тренинг-центар ќе има и два терена, обезбедувајќи оптимални услови за тренинг, особено во случај на предизвикувачки временски услови.
– Сакаме да им обезбедиме на играчите најдобри можни услови и ги слушаме нивните барања.

Добивме пофалби за приватноста што им ја нудиме на играчите и правиме сѐ што можеме секоја година за да ги прошириме наменските области. Играчите треба да можат да се подготвуваат за своите натпревари во што е можно помирна средина. Целта е да се подобрат перформансите на играчите – изјави на прес-конференција Амели Морезмо, директорка на тој гранслем-турнир