Барса повеќе не сака да чуе за Нико Вилијамс

Нико Вилијамс беше постојана мета на Барселона минатото лето. Се зборуваше дека трансферот на крилниот напаѓач е „завршена работа“, но во еден момент наводно се согласил да дојде, а потоа се предомислил.

23-годишниот офанзивец ги искористи преговорите со Барса за да добие подобар договор во Атлетик Билбао. Потпиша до 2035 година, но со овој потег засекогаш ја затвори вратата на каталонскиот клуб, кој веќе нема намера да го ангажира.

„Барселона никогаш повеќе нема да оди по Нико Вилијамс. За него вратата на клубот е засекогаш затворена“, објавија шпанските медиуми.

Во Барселона му замеруваат начинот на кој го искористи интересот на каталонскиот клуб. Се смета дека целиот процес на преговарање послужил повеќе како полуга за зголемување на платата во Билбао отколку како искрена желба да го облече дресот на Блаугана.

Токму поради тоа е донесена одлуката имењтето на Нико Вилијамс во иднина да не се најде на ниту еден интерен список на потенцијални засилувања.