Херера и Шишковски прваци на БиХ со Борац Бања Лука

Викендов донесе нови причини за задоволство кога се во прашање македонските интернационалци, откако уште двајца репрезентативци се закитија со шампионски трофеи со своите клубови. По освоените пехари на Никола Серафимов со Левски и Елмин Растодер со Тун, шампиони станаа уште двајца.

Новото име во националниот тим, Себастијан Херера, заедно со голманот Дамјан Шишковски, стигнаа до титулата во Босна и Херцеговина како дел од Борац Бања Лука. Клучниот чекор кон трофејот беше направен на жешкото гостување кај Сараево на стадионот „Кошево“, каде Борац славеше минимално со 0-1 во рамки на 32. коло.

На четири кола пред крајот, Борац има убедлива предност од 13 бода во однос на Зрињски, што значи дека шампионската трка е решена и славјето веќе започна.

За клубот од Бања Лука ова е четврта титула во домашното првенство, по оние освоени во 2011, 2021 и 2024 година, со што дополнително се потврдува нивната доминација во последниот период.