Дебакл на Еурофарм Пелистер на дербито во Скопје против Вардар 1961

Еурофарм Пелистер го претрпе третиот пораз во плеј-офот и убедливо загуби на гостувањето во Скопје кај Вардар 1961 со 34-19 (18-12). Со овој пораз битолскиот суперлигаш ја предаде титулата по тригодишна доминација.

Еурофарм Пелистер водеше само со почетните 0-1, но продолжението помина во знакот на Вардар. Со неколку кратки серии, домаќинот стекна сигурна предност, а на пауза замина со највисоки до тој момент шест разлика (18-12).

Почетокот на второто полувреме донесе уште полоша игра на пелистерци, посебно во нападот каде што како да немаа идеја како да ја затресат мрежата на Валах. Цели десет минути битолскиот состав беше без гол и за тој период Вардар дојде до двоцифрена разлика (22-12). Слабата ефикасност на Еурофарм Пелистер продолжи и во наредните минути, па така прашање беше само колку убедливо избраниците на Чупиќ ќе слават. Финалните петнаесет разлика се најубедлив домашен пораз на Еурофарм Пелистер во последната деценија.

Најдобар стрелец кај Вардар беше Урош Митровиќ со осум гола, го следеше Јака Малус со шест гола, а голманите Гогов и Валах имаа по седум одбрани. Кај Еурофарм Пелистер, Радивојевиќ и Кузмановски дадоа по пет гола, а Никола Митревски забележа осум одбрани

Во следното осмо коло од разигрувањето за титула Еурофарм Пелистер ќе го пречека Бутел Скопје.