Менди ќе паузира повеќе од една година од фудбалските терени

Дефанзивецот на Реал Мадрид, Ферланд Менди, наводно ќе отсуствува повеќе од една година поради неговата последна сериозна повреда.
Играчот беше принуден да го напушти теренот по само 14 минути од победата на Реал Мадрид од 2:0 над Еспањол минатиот викенд.

Првичните извештаи сугерираа дека тој ќе отсуствува околу пет месеци по операцијата, но повредата се чини дека е полоша отколку што првично се мислеше.

Во извештајот се наведува дека неговата повреда е многу посериозна отколку што првично се веруваше и дека станува збор за кинење на тетива со раздвојување на коските.

Некои медиуми во Шпанија одат чекор понатаму и пишуваат дека е доведено во прашање и продолжувањето на неговата кариера, бидејќи во последно време имал многу проблеми со повредите.

Менди пропушти повеќе од 50 натпревари во претходните две години поради повреди. Оваа сезона, тој запиша само осум натпревари.

Проблемот со телото очигледно постои, па затоа пишувањата на медиумите за крајот на неговата кариера не се без основа.