Селтик ја доби драмата со Хартс и стана шампион на Шкотска

Селтик стигна до нова титула во Шкотска, „зелено-белите“ од Глазгов во драматична завршница и гол во 87. минута му „украде“ трофејот на Хартс.

Хартс од септември месец беше на врвот на табелата, се надеваа дека ќе се радуваат на титула по 66 години, но денеска останаа со скршено срце.

Во драматичен финиш, Селтик стигна до победа од 3-1 и нов шампионски трофеј.

На Хартс денеска му беше доволно и реми, и шансите за славје значително пораснаа кога во 43. минута Шанкланд донесе 0-1, остана осамен на подалечната статива по еден корнер и со глава биеше за водство.

Сепак, на спротивната страна веднаш беше досуден пенал, а Енглес погоди од белата точка и се погрижи на пауза да се замине со резултат 1-1.

Хартс долго одолеваше во второто полувреме, но потклекна во 87. минута, Маеда доби топка на пет метри и реализираше за 2-1.

И кога гостите фрлија се на една карта, дури и голманот се префрли во противничкиот шеснаесетник, Селтик направи контра со тројца фудбалери, Османд ја затресе празната мрежа и лудилото во Глазгов можеше да почне.