Де ла Фуенте без ниту еден фудбалер на Реал на Мундијалот

Репрезентацијата на Шпанија ќе важи за еден од главните фаворити на претстојниот Мундијал, но според најавите од шпанските медиуми, „црвената фурија“ би можела да настапи без ниту еден фудбалер на Реал Мадрид.
Во пресрет на објавувањето на конечниот список на селекторот Луис де ла Фуенте, се појавија информации дека стоперот Дин Хујсен нема да добие повик за Светското првенство. Наводно, селекторот смета дека дефанзивецот на Реал не одиграл сезона на посакуваното ниво и дека има играчи кои повеќе заслужуваат место во националниот тим.
Ваквите најави претставуваат изненадување ако се знае дека Хујсен минатата година беше стандарден член на шпанската репрезентација, а во меѓувреме направи и голем трансфер во Реал Мадрид. Тој беше и стартер на завршниот турнир во Лигата на нации, каде што Шпанија стигна до финалето и ја совлада Франција во полуфиналето, а потоа загубија од Португалија по изведувањето пенали.
Доколку ваквото сценарио се оствари, Реал Мадрид најверојатно ќе остане без свој претставник во шпанската репрезентација на Светското првенство. Хујсен беше единствениот фудбалер на мадридскиот клуб кој доби повик за последните натпревари против Србија и Египет, откако претходно од комбинација отпадна и Карвахал.
Иако во последните две децении фудбалерите на Реал немаа доминантна улога во националниот тим, досега не се случило Шпанија на големо натпреварување да настапи без ниту еден играч од „кралскиот клуб“.