Леон Горецка, Рафаел Гереиро и Николас Џексон заминуваат од Баерн летово

Баерн со убедливата победа од 5-1 против Келн ја прослави новата титула во Бундеслигата, а пред последниот домашен натпревар сезонава клубот се прости од тројца фудбалери кои заминуваат на крајот од сезоната, Леон Горецка, Рафаел Гереиро и Николас Џексон.

Најемотивно беше збогувањето со Горецка, кој со години беше еден од клучните играчи во една од најуспешните генерации на Баерн. Навивачите на „Алијанц арената“ го испратија со громогласен аплауз и транспаренти во негова чест.

Германскиот репрезентативец во изминатите осум години се изгради во вистински лидер во соблекувалната, а кај навивачите стекна голема почит поради борбеноста и посветеноста кон клубот.

Иако во последните сезони не беше секогаш во прв план, Горецка остана важен дел од тимот и играч на кој тренерите имаа доверба во најважните натпревари. За Баерн одигра 311 натпревари, постигна 51 гол и запиша 53 асистенции, а според најавите кариерата најверојатно ќе ја продолжи во Милан.

Од навивачите се прости и Португалецот Рафаел Гереиро, кој беше исклучително корисен играч во ротацијата и покриваше повеќе позиции според потребите на тимот.

Откако пристигна од Борусија Дортмунд во летото 2023 година, Гереиро одигра 94 натпревари за Баерн, со учинок од 14 голови и осум асистенции. Германските медиуми пишуваат дека Бенфика покажува сериозен интерес за 32-годишниот Португалец.

Минхенскиот гигант го напушта и напаѓачот Николас Џексон, кој по истекот на позајмицата се враќа во Челзи. Сенегалецот сезонава беше резерва за Хари Кејн и постигна 11 голови со четири асистенции на 34 натпревари.