Шкендија драконски казнета: Исклучување од Купот на една година и преку 100.000 евра парична казна

Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија донесе одлуки по кои по повеќе основи ги казни фудбалските клубови Силекс, Вардар и Шкендија.

Освојувачот на Купот на Македонија, Силекс се казнува со парична казна во висина од 5.000 евра поради користење на пиротехнички средства на финалниот натпревар од Купот на Македонија против Шкендија.

Дисциплинската комисија при ФФМ донесе одлука со која Шкендија се казнува со парична казна во висина од 15.000 евра поради користење на пиротехнички средства на финалниот натпревар од Купот на Македонија помеѓу Силекс и Шкендија. Дополнително, Шкендија се казнува со 10.000 евра поради националистички скандирања и слогани со навредлива содржина на национална основа, како и со 20.000 евра поради истакнување транспарент со нацистичка содржина, за што веќе беа казнети од УЕФА.

Клубот Шкендија е казнет со 30.000 евра и исклучување од натпреварувањето во Купот на Македонија за сезоната 2026/27 поради одбивање да ги прими медалите на свечената церемонија, како и поради деградирачки и непочитувачки однос кон официјалните лица и противничката екипа.

Покрај тоа, на ФШкендија му е изречена казна од 30.000 евра и забрана за присуство на публика на следните четири домашни натпревари поради непочитување на националната химна, односно исвиркување и дискриминаторски однос за време на финалниот натпревар од Купот на Македонија.