Еурофарм Пелистер потпиша со Србинот Алекса Колаковиќ

Еурофарм Пелистер објави дека нов играч на клубот е Алекса Колаковиќ кој стави потпис на договор до крајот на сезоната со опција да биде продолжен за уште една година.
Пелистер го реновира тимот кој во наредната сезона има амбиција да ја врати шампионската титула во Битола.
„Мозаикот за сезоната 2026/27 го комплетираме со доведување на уште еден среден бек. Нов член на Еурофарм Пелистер е Алекса Колаковиќ, кој се обврза на договор на една сезона, со опција за уште една. Се работи за 28-годишен српски репрезентативец, роден во Подгорица, кој доаѓа во Битола од францускиот ракомет.
По четири сезони во Сант-Рафаел и две во Шартр, Колаковиќ го прифати предизвикот да дојде во најракометниот град и да игра пред најдобрата публика во светот. Средниот бек има шест настапи за српската репрезентација, а настапите во една од најсилните лиги во светот беа добра препорака за трансфер во Битола“, стои во соопштението на Пелистер.
Србинот е деветто засилување за новиот тренер Лино Червар по: Серафимов, Котар, Мехмедовиќ, Џелетовиќ, Татар, Белистојаноски, Басанесе и Џелиловиќ.