Јапонија го прегази Тунис и остана во игра за првото место во групата

Фудбалерите на Јапонија ја остварија својата прва победа на Светското првенство, совладувајќи го Тунис со убедливи 4:0 во натпревар од второто коло во групата Ф.

Со оваа победа Јапонија стигна до четири бода и се израмни со лидерот Холандија, додека Тунис остана без освоен бод и со гол-разлика 1-9 го заврши својот настап на Мундијалот.

Јапонците уште од самиот почеток покажаа дека се поквалитетен противник. Веќе во четвртата минута Даичи Камада ја затресе мрежата за водство од 1-0, а во 31. минута Ајасе Уеда ја удвои предноста.

Во првото полувреме Тунис едвај успеваше да ја пренесе играта на противничката половина, додека Јапонија целосно го контролираше натпреварот и на паузата замина со сигурна предност од два гола.

На полувремето селекторот Ерве Ренар направи две измени, а подоцна и трета, но ниту еден потег не донесе промена во играта на африканската селекција.

Јапонците продолжија да доминираат и во второто полувреме. Во 69. минута Уеда испрати одлично додавање до Џунја Ито, кој ја заврши една од најубавите акции на досегашниот тек од првенството и зголеми на 3-0.

Само 14 минути подоцна Уеда уште еднаш се запиша меѓу стрелците. По центаршут на Сано, напаѓачот на Јапонија со удар со глава ја смести топката во подалечниот агол за конечни 4-0 и потврда на убедливата победа.

До крајот на натпреварот немаше нови возбудувања, па Јапонците го прославија триумфот, додека Тунис и официјално се прости од надежите за пласман во нокаут-фазата.

Во последното коло од групата Ф, Јапонија ќе игра против Холандија во директна битка за првото место, додека Тунис ќе се сретне со Шведска. Двата натпревари се играат на 26 јуни.