Еурофарм Пелистер носител во ЕЛ, Охрид не доби „вајлд-карта“

Македонскиот ракомет ќе има шест претставници во европските натпреварувања следната сезона. Освен Вардар кој доби унапредување во Лигата на шампионите најголемата вест е што Еурофарм Пелистер доби „вајлд-карта“ за Европската лига на ЕХФ. Од друга страна ГРК Охрид остана без покана, иако во клубот очекуваа позитивен одговор од Европската ракометна федерација.
Битолчани ќе бидат единствениот македонски претставник во второто по ранг европско натпреварување и ќе ја дочекаат ждрепката на 17 јули од првиот шешир, што значи дека ќе бидат меѓу носителите во групната фаза.
Охрид, пак, европската сезона ќе ја продолжи во Европскиот куп на ЕХФ, каде што ќе настапат уште Алкалоид, Тиквеш и Бутел Скопје. Охрид и Алкалоид ќе бидат носители во второто квалификациско коло, Бутел Скопје ќе биде меѓу неносителите во истата рунда, додека Тиквеш ќе го започне настапот од првото квалификациско коло.
Ждрепката за првото квалификациско коло во Европскиот куп ќе се одржи на 14 јули, а за групната фаза во Европската лига на ЕХФ на 17 јули. Првите натпревари во Европската лига се закажани за 29 и 30 септември, додека квалификациите во Европскиот куп започнуваат на 12 и 13 септември.