Салах и Хасам гневни на судијата Летексие по мечот со Аргентина

Египет остана без место во четвртфиналето на Светското првенство, иако имаше предност од 2-0 против Аргентина, а по драматичниот пресврт и поразот од 3-2, во египетскиот табор не го криеја незадоволството од судењето.
Најостар беше селекторот Хосам Хасан, кој по натпреварот упати тешки обвинувања кон судијата Франсоа Летексие и организаторите на турнирот.
„Ќе кажам што ми е на ум, без оглед на последиците. Ова беше очигледно наместен натпревар и целиот свет го виде тоа. И сакам да кажам уште нешто. Ако толку многу сакаат Аргентина да победи, тогаш зошто воопшто покануваат други да учествуваат?“, изјави Хасан.
Со критики кон арбитражата настапи и капитенот Мохамед Салах, кој смета дека Египет бил оштетен за пенал.
„Му кажав да се врати и да ја погледне снимката, затоа што тоа беше чист пенал, но тој само одмавна и ми рече: ‘Не, тоа не е прекршок’. Иронично, тоа беше ист тип на дуел поради кој ни беше поништен гол. Во тој момент знаев дека го загубивме натпреварот поради судијата. Тука не можете ништо. Да беше судењето фер, ќе победевме“, додаде Салах.
Во четвртфиналето селекцијата на Аргентина оди на мегдан со Швајцарија.