Истече договорот, Далиќ не е повеќе селектор на Хрватска

Златко Далиќ повеќе не е селектор на хрватската репрезентација, откако денеска јавно се повлече од функцијата. По болната елиминација на Мундијалот од Португалија и поразот од 2-1, хрватскиот стратег одлучи да не биде предводник на „коцкестите“, должност која ја имаше од 2017 година.

Со неговото заминување, се означува крајот на најдобрата ера во историјата на хрватскиот фудбал. Додека Далиќ беше селектор, Хрватска освои два медали на светските првенства, сребрен во Русија 2018 и бронзен во Катар 2022. Меѓу другото, Хрватска беше финалист во Лигата на нации во 2023 година. Во текот на неговата работа ја предводеше репрезентацијата на 111 натпревари и оствари 62 победи.

„Поддршката што ја добив во последните денови ме охрабри повторно да размислам за мојата одлука да заминам, но… време е. Колку и да чувствувам амбиција и желба да постигнам нови успеси со Хрватска, чувствувам дека ова е вистинскиот момент да ја завршам оваа неверојатна ера. Заминувам со полно срце и горд што придонесов за најголемите успеси на хрватскиот фудбал во историјата и им посакувам на мојот наследник, на хрватската репрезентација и на хрватскиот фудбал многу нови успеси во кои длабоко верувам“, заклучи Златко Далиќ.

Во меѓувреме хрватскиот фудбалски сојуз му се заблагодари за целиот негов ангажман и истакна дека неговото име засекогаш со златни букви ќе биде запишано во хрватската историја.