МЗТ Скопје го освои Суперкупот на Македонија

MЗТ Скопје Аеродром ја продолжи серијата на успеси во Суперкупот „Драган Василов – Цевка 2026“, откако во драматичен финиш го совлада МКК Куманово со 70:68 и по шести пат по ред го освои трофејот.
Сезоната започна со неизвесен и возбудлив натпревар во спортската сала во Куманово, во кој домашниот состав имаше одличен старт, но МЗТ Скопје Аеродром успеа да го контролира резултатот во поголемиот дел од натпреварот и во завршницата да стигне до минимална победа.
МКК Куманово отвори со 6:0, а во продолжението стигна и до 16:8. Сепак, МЗТ одговори и по првите десет минути имаше минимална предност од 22:21.
Во вториот период „металците“ во еден момент поведоа со шест поени, но кумановци не дозволија противникот да се одлепи. На полувремето МЗТ имаше минимално водство од 39:37.

Првото посериозно одвојување шампионот го направи во третата четвртина, кога стигна до 51:43. Домашниот состав повторно одговори со серија од 8:1 и поведе со 52:51, но МЗТ во завршницата од периодот повторно воспостави контрола и пред последните десет минути имаше 58:51.
Во последната четвртина следуваше ново одвојување. МЗТ Скопје Аеродром стигна до 64:51, а три минути пред крајот имаше и 68:58.
Куманово, сепак, не се предаде.
Домашниот состав со серија во финишот успеа да се врати во мечот и да стигне до 68:70. Следуваше и последниот напад, со можност за целосен пресврт, но домашниот состав не успеа да упати удар кон кошот, па МЗТ Скопје Аеродром ја сочува минималната предност и го освои трофејот.
Фарахан беше најефикасен на натпреварот со 20 поени, додека Војдан Стојановски постигна 16 поени и седум скока. Лука Стојановски додаде 11 поени.
Во составот на МКК Куманово, Стајиќ беше најпрецизен со 16 поени.