Таневски со три испити за осум дена: Прво Русија, па Црна Гора и Шведска

Младата репрезентација на Македонија до 21 година влегува во интензивен репрезентативен период. Во само осум дена, избраниците на новиот селектор Александар Таневски ќе одиграат три натпревари, од кои еден контролен и два во рамките на квалификацискиот циклус за Европското првенство.

Серијата започнува на 28 септември со контролниот натпревар против селекцијата на Русија до 20 години, кој ќе се одигра во тренинг-центарот „Петар Милошевски“. Потоа следува квалификацискиот дуел со Црна Гора, на 1 октомври во Битола, додека четири дена подоцна Македонија ќе гостува кај Шведска во Фалкенберг.

„Не очекуваат три натпревари и секој од нив ќе биде важен на свој начин. Прво со Русија, каде што ќе им дадеме поголема шанса на помладите фудбалери. За нив ова е одлична можност да се покажат и да се наметнат како потенцијал за следниот циклус.

Потоа следува Црна Гора во Битола, каде што сакаме со добра игра да дојдеме до позитивен резултат. На крај е Шведска, сериозен противник и можност да видиме како ќе реагираме на едно повисоко ниво.

Очекувам по овој собир да имам појасна слика за играчите и за тоа на кого можеме да сметаме во следниот период“, изјави селекторот на младата репрезентација Александар Таневски.

За новиот стручен штаб ова ќе биде прва можност во серија натпревари да го провери потенцијалот на генерацијата, но и да добие дополнителни одговори пред продолжението на квалификациите.