Зверев го презеде врвот на АТП листата

Александар Зверев за првпат во кариерата ќе биде најдобриот тенисер во светот. Германецот го обезбеди првото место на АТП-листата откако се пласираше во четвртфиналето на турнирот во Виена.
Зверев во осминафиналето го совлада Холанѓанецот Талон Грикспор со 2-0 во сетови (6-4, 7-5) и со тоа го потврди историскиот успех. На официјалната АТП-листа, која ќе биде објавена во понеделник, 2 ноември, тој ќе го преземе првото место од Италијанецот Јаник Синер.
Ова е првпат во кариерата 29-годишниот Германец да се најде на врвот на светскиот тенис. Тој ќе стане 30-тиот тенисер во историјата на кој му успеало тоа откако е воведена АТП-листата во 1973 година.
Зверев воедно ќе биде вториот германски тенисер кој стигнал до светскиот трон, по легендарниот Борис Бекер, кој првпат беше број еден во јануари 1991 година.
Со 29 години и шест месеци, Германецот ќе стане вториот највозрасен тенисер кој за првпат стигнал до првото место. Рекордот го држи Австралиецот Џон Њукомб, кој имал 30 години кога го постигнал тоа во 1974 година.
„Ова е многу посебно. Чувството да се биде на врвот на светот е неверојатно. Различно е од освојување турнир или титула, но прекрасно е да знаете дека покрај вашето име ќе стои број еден“, изјави Зверев.