Адем Мекиќ се врати во МЗТ Скопје

Адем Мекиќ повторно е дел од МЗТ Скопје. Македонскиот репрезентативец и еден од милениците на навивачите на аеродромци официјално се враќа во клубот, откако денеска потпиша договор кој ќе го обврзува на верност во следните една и пол сезона.
За Мекиќ ова е враќање во добро позната средина и негов трет мандат во дресот на МЗТ Скопје. Претходно настапуваше за „металците“ во периодите од 2014 до 2017 и од 2020 до 2023 година.
Во тие сезони остави значајна трага во клубот, освојувајќи пет шампионски титули и трофеи во Купот на Македонија. Неговата борбеност и посветеност на теренот го направија еден од омилените кошаркари меѓу навивачите на МЗТ.
Во Аеродром се враќа по успешниот интернационален период, во кој настапуваше за Задар и освои двојна круна во хрватската кошарка. Со себе носи и значајно меѓународно искуство, кое треба да биде дополнителен адут за тимот во продолжението од сезоната.