Дембеле добива нов договор во ПСЖ

Францускиот репрезентативец и поранешен освојувач на „Златната топка“ е блиску до продолжување на договорот со европскиот шампион, а останува само официјализацијата на договорот.

Усман Дембеле и Пари Сен Жермен постигнале договор за продолжување на соработката до 2030 година, објавуваат француските медиуми. Преговорите меѓу двете страни се во завршна фаза, а според последните информации, останува само клубот официјално да го потврди новиот договор.

Според информациите на новинарот Абделах Булма, договорот е практично завршен и нема пречки за негово официјализирање. Дембеле, кој моментално има договор со парижаните до јуни 2028 година, ќе остане уште две сезони подолго на „Паркот на принцовите“.

Французинот пристигна во Париз во 2023 година од Барселона и постепено прерасна во една од најважните фигури во тимот на Луис Енрике. Неговите одлични настапи во сезоната 2024/25 му ја донесоа и „Златната топка“, со што беше крунисан неговиот подем меѓу најдобрите фудбалери во светот.

Дембеле во преговорите инсистираше на подобри финансиски услови, но очигледно двете страни успеале да најдат заеднички јазик. Францускиот напаѓач моментално се опоравува од повреда на бутниот мускул.

ПСЖ, сепак, не работи само на продолжување на договорот со Дембеле. Клубот води разговори и со Хвича Кварацхелија, со кого сака да потпише нова соработка до 2031 година. Преговорите со грузискиот репрезентативец исто така напредуваат позитивно.

Во плановите на парижаните е и продолжување на договорот со Дезире Дуе, но во неговиот случај разговорите се во почетна фаза и нема потреба од брзање.