Скалони потпиша нов договор како аргентински селектор

Лионел Скалони и во наредните четири години ќе биде селектор на аргентинската фудбалска репрезентација. Искусниот стратег официјално го продолжи договорот со Аргентинската фудбалска асоцијација и ќе остане на функцијата до крајот на Светското првенство во 2030 година.
Информацијата првично ја објавија аргентинските медиуми, а потоа ја потврди и претседателот на федерацијата, Клаудио Тапија. Новиот договор не се однесува само на Скалони, туку и на неговиот комплетен стручен штаб, кој ќе продолжи да работи со националниот тим во следниот период.
Досегашната соработка беше со важност до крајот на 2026 година, но по постигнатите резултати двете страни немаа дилеми околу продолжувањето на успешната приказна.
Скалони ја презеде Аргентина во 2018 година, а под негово водство репрезентацијата го освои Светското првенство во Катар во 2022 година, како и две титули на Копа Америка. Со тоа се вброи меѓу најуспешните селектори во историјата на аргентинскиот фудбал. На овогодинешниот Мундијал играше финале, но беше поразена од Шпанија.
„Овој ден е исклучително посебен за целата фудбалска заедница во Аргентина. Продолжувањето на соработката со Лионел Скалони и неговиот стручен штаб е клучен настан за нашата федерација“, изјави Тапија.
Задоволството не го криеше ниту самиот селектор, кој призна дека продолжувањето на договорот му носи голема радост, особено во период во кој минува низ тежок семеен момент.