Рустемовски без медал се враќа од У23 Европското првенство

Ален Рустемовски го заврши настапот на Европското првенство за боксери до 23 години во Пореч, Хрватска, откако во четвртфиналната пресметка беше поразен од Турчинот Џинбулак Селахатин со тесна судиска одлука од 2-3.
Македонскиот репрезентативец имаше изедначена борба против турскиот боксер, но судиите на крајот му дадоа предност на противникот, кој обезбеди пласман во полуфиналето.
За Рустемовски ова беше можност да обезбеди сигурен медал на континенталниот шампионат, но по тесната судиска одлука мораше да го заврши натпреварувањето.
Битолчанецот претходно имаше одличен настап во осминафиналето, каде што го совлада Полјакот Јакуб Палка со прекин во третата рунда, со што најави дека може да се вмеша во борбата за највисок пласман.
И покрај елиминацијата, Рустемовски покажа дека е сериозен потенцијал во категоријата до 60 килограми, а настапот во Пореч е уште едно важно меѓународно искуство за македонскиот боксер.