Лазаров: Презадоволен сум, ова е висока победа против силен противник!

Алкалоид направи голем чекор кон осминафиналето откако победи со фантастични девет разлика. Но, Лазаров го истакнува квалитетот на Горење и вели дека уште ништо не е готово.
„Презадоволен сум од резултатот. Видеоанализите покажуваат едно, но сосема друго е кога ќе се најдете на теренот. Извојувавме превисока победа, ако се земе предвид каква екипа имавме за противник, особено тркачки, технички и тактички. Станува збор за класична словенечка екипа. Одигравме натпревар со многу трчање, резултатот одеше горе-долу. Заминавме на девет разлика, но противникот нè врати на пет, па резултатот можеше да се сведе и на два-три гола. Повторно се одлепивме на девет, додека Горење брзаше да се врати во мечот“, вели тренерот, Кире Лазаров.
„Морам да бидам задоволен од играчите. Имавме тежок натпревар со Еурофарм Пелистер, во кој доста се исцрпивме, а за овој дуел имавме само два дена подготовка. Честитки за ракометарите, но сега ни следи реваншот и мораме добро да се подготвиме за да одиграме квалитетно. Никогаш не се знае колку е сигурна една разлика. Мораме да се подготвиме максимално, бидејќи видовме дека Горење за краток период може да направи серија од три до четири гола. Екипата мора постојано да биде будна, затоа што малку е потребно натпреварот да тргне во друга насока, а станува збор за елиминациски дуел. Имаме такво искуство и многупати го кажав тоа во изминатите денови. Се работи за добри играчи, против кои стигнавме до голема и заслужена, но тешко извојувана победа, со голема потрошувачка на енергија“.