Тажна вест стигна од Романија: Почина двократен освојувач на Златната копачка

Поранешниот романски репрезентативец Дуду Џорџеску почина на 76-годишна возраст. Легендарниот напаѓач на Динамо Букурешт бил пронајден мртов во Торонто, Канада, а веста за неговата смрт ја пренесоа романските медиуми.

Џорџеску останува запаметен како еден од најголемите голгетери во историјата на романскиот фудбал. Во својата кариера двапати ја освои „Златната копачка“, признание кое се доделуваше на најдобриот стрелец во европските национални првенства. Тоа му успеа во 1975 и 1977 година.

Најголемиот дел од кариерата го помина во Динамо Букурешт, со кого освои четири шампионски титули на Романија. За клубот од романската престолнина постигна вкупно 207 погодоци, додека на вечната листа на најдобрите стрелци во романското првенство се наоѓа на првото место со 252 гола.

Во последните години Џорџеску живеел во Канада, а веста за неговата смрт ја потврдил пејачот Георге Турда, близок до сопственикот на станот во Торонто во кој живеел поранешниот фудбалер.

Романските медиуми потсетуваат и на тешкиот период од неговиот живот. Во 2014 година, поради спор околу реституција на имот, бил иселен од домот во кој живеел од 1976 година. Станот го добил како награда по освојувањето на првата „Златна копачка“.