Беа великан, сега им се заканува неславен рекорд

Откако го држеа неславниот рекорд повеќе од половина век, на германскиот фудбалски клуб Тасманија Берлин би можел да му се придружи и Шалке 04. Тасманија 1900 Берлин во својата единствена сезона во Бундеслигата во 1965/66, нанижа 31 натпревар без победа освојувајќи само 10 бода, со гол разлика од минус 93. Шалке засега е на 30 натпревари без победа, со што се приближи до негативниот рекорд на берлинскиот клуб кој згасна во 1973. годиан. Но, дел од водството и играчите го основаа аматерскиот клуб СВ Тасманија 73 Нојколн, кој во моментот се наоѓа во петтата германска лига. Иако други радо би го избришале црниот рекорд, во Тасманија се горди на својот „подвиг“. „Овој рекорд е култен за нас. Доколку останеме без него, никој веќе нема да зборува за Тасманија. Подобро да се зборува за нас, отколку никој да не не знае.“ – изјави претседателот на клубот, Алмир Нумиќ. Последната победа во првенството на Шалке беше во јануари 2020. година против Борусија Менхенгладбах, а оттогаш клубот од Гелзенкирхен има 20 порази и 10 нерешени натпревари. Реми или пораз во денешниот натпревар против Хофенхајм, ќе значи израмнување на рекордот на берлинскиот клуб.