Јунајтед пишува историја, Оле како Фергусон!

Манчестер Јунајтед синоќа не знаеше за стоп и го демолираше Саутемптон, триумфирајќи на Олд Трафорд со неверојатни 9:0. „Светците“ добро ќе го паметат овој број, бидејќи се уште во меморијата им стои поразот од 2019. година, кога Лестер како гостин ги победи со истиот резултат. Само три пати во историјата на Премиерлигата се случило еден тим да победи со девет или повеќе голови разлика, а сите три пати беше 9:0. Прв пат тоа се случи во 1995. година, кога Јунајтед предводен од Алекс Фергусон го „растури“ Ипсвич на Олд Трафорд со овој резултат. Нема сомнеж дека оваа победа дополнително ќе влијае на самодовербата на фудбалерите на Солскјер, кои во моментот се израмнија со лидерот на табелата Манчестер Сити, но имаат одиграно два натпревари повеќе.