Фрејзер-Прајс петти пат златна на „стотка“ на Мундијалите
Шели-Ен Фрејзер-Прајс постигна нешто неверојатно. 35-годишната спринтерка од Јамајка ја освои својата петта светска титула на 100 метри. Фрејзер-Прајс триумфираше на Светското првенство во Јуџин, Орегон со нов рекорд на шампионатот од 10,67 секунди (0,8 м/сек). Таа има златни медали на 100 метри од планетарните форуми во Берлин 2009, Москва 2013, Пекинг 2015 и Доха 2019 година.
Само легендата Сергеј Бубка има освоено повеќе светски титули во индивидуална дисциплина – шест.
Триумфот на Јамајка во ова финале беше комплетен бидејќи сите три места на подиумот ги зазедоа жените од оваа карипска земја. Шерика Џексон заврши втора со личен рекорд од 10,73 секунди.
Двократната олимписка шампионка на 100 и 200 метри Елејн Томпсон-Хера овој пат мораше да се задоволи со бронзениот медал со 10,81 секунди.