Роналдо би ја намалил платата да замине од Манчестер Јунајтед

Португалецот Кристијано Роналдо е подготвен да ја намали платата за 30% за да го напушти Манчестер Јунајтед овој летен преоден рок, објавија неколку медиуми во Англија.

Со ваква информација, агентот на Португалецот, Жорже Мендеш им се обраќа на врвните клубови кои се потенцијално заинтересирани за услугите на Португалецот.

Познато е дека Кристијано е сериозно заинтересиран за враќање во Шпанија и преселба во Атлетико, но самиот клуб не е подготвен за овој чекор. Во моментов Атлетико нема финансиска можност за трансфер на Португалецот.

Да потсетиме дека Роналдо играше за Реал Мадрид од 2009 до 2018 година, по што се пресели во Јувентус, за кој настапуваше до 2021 година. Истата година, португалскиот напаѓач се пресели во Манчестер Јунајтед.

Неговиот договор со клубот е до 2023 година. Минатата сезона Роналдо одигра 38 натпревари за Манчестер Јунајтед во сите натпреварувања, на кои постигна 24 гола и направи три асистенции.