Галинари сериозно се повреди и ќе го скокне Евробаскетот

Данило Галинари заработи тешка повреда на натпреварот против Грузија (91-84), поради што ќе го пропушти претстојното Европско првенство во кошарка.

Имено, при едно приземјување на контранапад, се чини дека Италијанецот ги оштети лигаментите на коленото, бидејќи веднаш се фати за ногата и остана на подот. Од фотографијата се гледа дека се работи за тешка повреда, за што пишуваа и неговите колеги од Италија, па НБА ѕвездата најверојатно ќе мора да закрепнува неколку месеци.

Првите прогнози велат дека можеби тој нема да биде на паркетот до следната година, но дефинитивно треба да почекаме да се огласи италијанскиот лекарски тим.

Имајќи го предвид тоа како изгледаше повредата, како и фактот дека Галинари не е првпат да има проблеми со лигаментите, би било вистинско чудо доколку заигра на Евробаскет кој започнува за три дена.