Олимпијакос ги продаде сите билети за „мајсторката“ со Фенер за девет минути!

Грчкиот шампион Олимпијакос ќе има огромна поддршка од трибините на „мајсторката“ од четвртфиналето на Евролигата, против Фенербахче.

Денеска клубот ги пушти во продажба билетите за петтиот меч од серијата, а тие се продадени за само девет минути што е нов светски рекорд за кошаркарски натпревар. За 4.000 влезници биле испратени дури 85 илјади барања.

„Немаме зборови да ја искажеме нашата благодарност за вашата континуирана поддршка. Заедно да се бориме и вторпат во низа да се пласираме на Ф4 од Евролигата“, напиша Олимпијакос во официјалното соопштение на Твитер.

Петтиот натпревар меѓу Олимпијакос и Фенербахче се игра во вторник од 20:30 часот, а победникот, во полуфиналето ќе игра со подобриот од серијата меѓу Макаби и Монако.