Тони Крос доби едногодишен договор со Реал Мадрид

Реал Мадрид ја објави долгоочекуваната вест поврзана со еден од симболите во актуелниот состав на оваа екипа. Кралскиот клуб потврди дека Тони Крос потпишал договор до летото 2024 година.

Договорот меѓу двете страни, кој требаше да истече на крајот на овој месец, се очекуваше да биде обновен уште во март, но дури сега е официјализиран. Така, во август 33-годишниот Крос ќе ја започне својата десетта сезона на „Сантијаго Бернабеу“. Неговото останување го посакуваа и претседателот Флорентино Перез и тренерот Карло Анчелоти.

Поранешниот германски репрезентативец досега за Реал Мадрид одигра 417 натпревари, постигна 27 голови и 89 асистенции. Шампионот на Светското првенство во 2014 година може да се пофали со импресивни 20 трофеи со Реал Мадрид, вклучувајќи четири титули во Лигата на шампионите и три титули во Ла Лига.