Хуанчо Хернангомез потпиша за Панатинаикос
Шпанскиот репрезентативец Хуанчо Хернангомез ќе биде десеттото засилување за Панатинаикос во пресрет на новата сезона.
Тој ја напушта НБА лигата по пауза од седум години и со ПАО ќе потпише договор на две сезони за вкупно 4,5 милиони евра. Четири сезони помина во Денвер Нагетс, а во последните три смени пет екипи: Минесота, Бостон, Сан Антонио, Јута и Торонто од каде доаѓа во Грција. Одигра вкупно 339 натпревари со просек од 5 поени и 3,3 скока, но факт е дека најголемите успеси во кариерата ги оствари со шпанската репрезентација со која беше светски шампион во 2019 година и европски лани.
Трансферот уште не е потврден од клубот, но со фотографија на својот Инстаграм профил, го објави сопственикот Димитрис Јанакопулос и тоа во зелен дрес, од деновите кога Шпанецот беше член на Бостон.
Пред Хуанчо, чиј брат летово исто така се врати од НБА и потпиша со Барселона, Панатинаикос се засили со: Костас Слукас, Кајл Гај, Димитрис Мораитис, Лука Вилдоса, Џеријан Грант, Јоанис Папапетру, Костас Адетокунбо, Констатинот Митоглу и Матијас Лесор. Според најавите од клубот, тоа нема да биде се бидејќи ПАО се наоѓа во преговори со Торнике Шенгелија и Александер Балчеровски.