Хаверц има најголема плата во новиот Арсенал

Германскиот фудбалер Каи Хаверц зема најголема плата во Арсенал, пишува во своето истражување на новинарот Тоби Принс.

Офанзивниот играч за врска или напаѓач кој пристигна од Челзи заработува 14,56 милиони фунти годишно. По напорниот преоден рок ова лето, Арсенал требаше да состави многу посилен тим од минатата година и да биде конкурентен на повеќе фронтови подолго време. Деклан Рајс, Каи Хаверц и Јуриен Тимбер му се придружија на тимот со високи плати, додека Дејвид Раја пристигна на позајмица. И без изненадување, две од новите засилувања – Хаверц и Рајс, веднаш се најдоа на врвот на рангирањето со најскапи договори. И покрај тоа што платите на играчите се доверливи информации, оваа веб-страница обезбедува во голема мера веродостојни проценки, иако не тврди дека 100% се  точни информациите.

Според медиумите, најскап фудбалер во Арсенал во моментов е Хаверц со 280 000 фунти неделно или 14,56 милиони фунти по сезона. Втор е Габриел Жесус со 265 000 фунти неделно или 13,78 милиони годишно. Рајс го држи третото место со 240 000 неделно, а Томас Парти (200.000) и Букајо Сака (195.000) ги заокружуваат првите пет. И додека две од новите засилувања се во топ 3, капитенот на тимот Мартин Одегард е надвор од топ 10 според финансиските приходи. Тој е дури 12-ти во тимот со 115 000 фунти неделно или 5,98 милиони фунти годишно.